Како ретко каде, во мал стан со површина од нешто помалку од 50 метри квадратни, спакувани се толку многу различни бои, дезени, детали и фузија на навидум неспоиви стилови на уредување, а истото визуелно изгледа искомпонирано до совршенство, кокетно и шик, со огромна количина на позитивна енергија и весела атмосфера со која буквално зрачи. Станува збор за станбено катче на млада мадридска двојка, во кое сè е подредено на балансот помеѓу убавиот дизајн и практичното искористување на расположливиот простор. Ентериерот е младешки, шарен, разигран и комплетно исполнет со декорации, а притоа е исклучително пријатен за живеење, без нималку да загуби од функционалноста и комотитетот. Уреден е со максимална посветеност на деталите, кои се присутни насекаде и во голем број, разбивајќи ја монотонијата на белите ѕидови и мебелот во истата боја, при што е добиен необичен микс на скандинавската белина, колоритните боемски допири и индустрискиот дизајн на мебел. Иако модерен и трендовски, во станот е присутна и традиционалната нота, со дрвените допири и акцентираниот ѕид од гитерка, кој одлично се вклопува во целината, давајќи и екстра шарм и личен печат. Станот располага со една спална соба и мини бања, а остатокот од просторот е отворен, без видливи бариери помеѓу кујната, трпезаријата и дневната соба, туку истите се суптилно издвоени со позиционирањето на мебелот и деталите. А кога се деталите во прашање, вистински раскош од оригинални еклектички декорации и украси е распрснат низ секој агол и простор, почнувајќи од кујната, па сè до бањата. Меѓу нив: колоритни пругасти черги, украсни перници, фото-принтови, декоративни букви и мноштво парчиња современа уметност. Сепак, иако е вистинска прослава на шарите и боите, ентериерот е и рафиниран истовремено, бидејќи секој детал делува компактно со остатокот од декорот. Прекрасно стилизиран и полн со топлина, оптимизам и животна енергија, овој мал стан со својот дизајн е одличен пример и инспирација, како и во малку квадрати може да создаде навистина посебно катче за живеење.