Со својот свеж и суптилен изглед, но и магијата на морето која се чувствува низ целиот простор, Casa do Barco е совршеното место за оддишка и уживање во летните денови. Вдахнувајќи опуштена морска атмосфера налик на летна колиба од соништата, зад дизајнот и стилските решенија се потпишува португалската архитектка Vera Iachia, која одново воодушевува со проектирањето релаксирана летна куќа што краде воздишки. Ентериерот е во релаксиран и романтичен тон, со мошне интересни и визуелно впечатливи детали, избрани внимателно и со многу вкус од дизајнерката. Доминираат природните материјали, како што се лежерните допири од дрво, бамбус и камен – умешно внесени преку мебелот и декорациите во уредувањето на секое катче. Сензуалната комбинација на белата боја и нежните смирени нијанси, игриво е надополнета со текстили со шарени дезени и поинтензивни тонови. Изборот на морски мотиви и украси, деликатно го оживува амбиентот на плажата во внатрешноста, пресликувајќи го на најдобар начин духот на летото низ куќата. Надвор, пак, терасата и градината канат на уживање во идилично опкружување, со безброј можности за опуштање на сетилата. Прекрасна летна инспирација!
Летна куќа во морски стил
Изборот на морски мотиви и украси, деликатно го оживува амбиентот на плажата во внатрешноста.