Тешко е да се замисли подобра локација за летно прибежиште, но и архитектонско здание кое може да понуди поголем број удобности, од прекрасниот летен дом на дизајнерката Pequenina Rodrigues. Нејзиното катче за летно бегство е сместено на португалскиот брег, само час јужно од метрополата Лисабон. Се вљубила на прв поглед во сончевата локација и магичните видици на морето, па без колебање се препуштила на создавање божествено засолниште за себе. Нејзиниот летен дом мами воздишки уште однадвор, а на убавото чувство се надоврзува и пријатно уредениот ентериер, полн со детали кои изнудуваат радост. Сопственичката е креаторка на рециклиран мебел, па така, фасцинацијата од природните материјали и рециклираните парчиња е присутна насекаде. Структурата на куќата ја сочинуваат четири целини, инспирирани од градбата на традиционалните рибарски колиби. Во главната колиба се позиционирани дневната соба, трпезаријата и кујната, со три тремови кои гледаат кон џакузи вдлабнато во песокот. Другите три колиби, пак, располагаат со голема спална соба, бања и три гостински соби, меѓусебно поврзувајќи се со отворените патеки низ песочните дини. Уредувањето на внатрешноста е во лежерен тон, со релаксиран амбиент кој рефлектира спокој, свежина и ги одмора сетилата. Меѓу светлината од белата боја и топлината од дрвените допири, секоја просторија открива автентично избран декор, украси со морски мотиви и интензивни летни бои, совршено надополнувајќи се со деталите надвор. А кога е надворешноста во прашање, вистинските поводи за уживање лежат токму таму. Пространиот базен и идиличните катчиња за седење под отворено небо, во опкружување на живописна природа и магичните глетки на морскиот брег, се се’ што може да се посака за летен одмор од соништата.
Летна колиба од соништата
Сместена на самиот морски брег, оваа идилична колиба е вистинска оаза за летно уживање.