Неодоливо бело и несекојдневно убаво, со скандинавски шарм, магичен амбиент и рустикална нота – вака во неколку зборови може да се опише прекрасното бело поткровје лоцирано на таванот од зграда извишена во Стокхолм, срцето на Шведска. Овој исклучително убав пентхаус е вистинска оаза на белата боја и дом на светлината, со слатки декорации и стотици книги, уреден во манирот на скандинавските ентериери, елегантно и префинето, со минималистички приод кон исполнување на просторот. Големото пространство е деликатно и нежно уредено, со многу вкус и стил при изборот на мебелот и декорациите. Отворениот простор е суптилно поделен во неколку зони, спална, кујна и интелектуално катче, тематски и стилски надополнувајќи се едно со друго во една пријатна визуелна целина, каде акцентот е ставен на светлината. Високите тавани (4,5м), големите прозорци и белите ѕидови креираат свеж и светол амбиент, умешно надополнет со топлината внесена преку декоративните елементи. Хармоничните форми и интересните детали создаваат атмосфера на слобода, а на доминацијата на белата боја единствено и пркосат дрвените допири, рачно изработениот под и раскошот од vintage декорации. Внимателно избраните детали се уникатни и помалку авангардни, кокетирајќи со минатото и антиката, и внесувајќи ја во секое катче играта на модерното и старото, современото и рустикалното, романтичното и елегантното. Фацинацијата од овој дом завршува на малата, но живописно уредена тераса, со глетки од височината кон знаменитостите на лежерниот Стокхолм.
Comments are closed.