На северниот брег на Мозамбик, Африка, меѓу синилото на Индискиот Океан и зеленилото на живописната бујна вегетација, скриен е малиот тропски остров Вамизи, како магичен дар на природата. Со убавината на пејсажите и недопредната природа, кристално чистата азурна вода и белите песочни плажи распослани крај сенката од егзотичните дрвја, неодоливо наликува на рајски предел на Земјата, оддавајќи впечаток дека тука е точката каде светот завршува, а фантазиите оживуваат. А кога на тоа ќе се надоврзе топлиот гостољубив прием и квалитетното сместување во пространи романтични вили, бескрајното уживање е загарантирано, со исполнување на сите желби, дури и на оние најпребирливите. Во несекојдневно убаво и интимно опкружување, на овој мал приватен остров изградени се само неколку вили, кои овозможуваат максимална приватност и релаксација, во постојан допир со природата. Лоцирани се на самата плажа, со директен пристап до океанот, првокласна услуга и безброј можности за опуштање во ракошот на Вамизи. Вилите се со традиционална градба, суптилно, елегантно и луксузно уредени во внатрешноста, со допири од темно дрво и нежни материјали. Топлите и неутрални пастелни бои создаваат свеж и пријатен амбиент, сензуалниот декор им дава романтична нота, а функционалата екипираност овозможува целосен комфор и комотитет на престојот. На деликатниот ентериер се надоврзуваат и прекрасните катчиња под отворено небо, откривајќи им ги на посетителите сите задоволства на ексклузивниот островски живот, меѓу благодетите на воодушевувачката природа.