Изборот на сините тонови секогаш гарантира релаксиран и пријатен амбиент во ентериерот, во сите нијанси, суптилно асоцирајќи на свежината на морето и летото, особено доколку е во комбинација со белата боја. Доказ за тоа е овој прекрасно уреден дом, кој зрачи со својата убавина, енергичност и хармоничната атмосфера која ја рефлектира. Сместен е во сончевиот крај Малага, каде свежината на морскиот воздух и топлината на медитеранското сонце се привилегија во која се ужива речиси цела година, па идејата на сопствениците била истото да го пренесат и во уредувањето на својот дом. Изборот на биколорна комбинација во домот, со доминација во просторот исклучиво на тандемот на сина и бела боја, се покажува како одличен избор за постигнување светол, блескав и кокетен изглед, кој совршено го отсликува и внесува духот на надворешноста внатре. Притоа, ентериерот не делува нималку монотоно и стерилно, туку е разигран со мноштво детали, едноставни, класични, рустикални и шик, исполнувајќи го секое катче со многу стил, деликатно искомбинирани во извонредно компактна целина. Во уредувањето на просторот, декорирањето и изборот на деталите, највоочлива е мароканската нота, и фасцинацијата од мароканскиот стил на уредување и орнаменти. Допирите од дрво, традиционалните парчиња мебел и прекривките од природни материјали, обезбедуваат чувство на топлина, давајќи му на просторот рустикален шарм, додека розовите нијанси на деталите и цветните украси, сензуално ја внесуваат романтичната нота.