,,Пред децата дури и најциничните луѓе ги фрлаат своите вообичаени маски, и стануваат способни да ги почувствуваат чистината и љубовта по кои сите човечки битија трагаат. ’’
Фотографката Elena Gromova во своите фотографии ја овековечува уметноста на детството, портретирајќи ги најблагорните емоции, чистината на душата и невиноста на ликот кои само децата ги поседуваат во толку возвишена форма. Иако тивки, нејзините уметнички фотографии за момент ја фрлаат во заборав вртоглавоста на секојдневието во кое живееме, со милозвучноста на флејтата која свири во детското срце, во екот на детската радост. Фотографиите имаат и доза на мистичност, не наговестувајќи ја директно емоцијата која се крие во заднината на секој портрет, туку оставајќи секому самиот да го наслика во своите мисли светот кој ним им припаѓа. Во потрага по нежната невиност и бесконечната чистина, Elena го открива светот кој е еднаш ни бил познат сите нам, со извонредната деликатност и мистичност на нејзините фотографски креации, кои сведочат и за чистината на уметноста сама по себе.