19 метри квадратни е екстремно мал простор за живеење, и нема кој не би се согласил дека е потребно храброст, но и помалку лудост толку мала површина функционално да се адаптира на потребите, а уште повеќе истото да е со стил и естетски уредено. Но, доволно е да се погледне ова неверојатно шармантно катче, за да се увиди дека ништо не е невозможно, па ни тоа животниот ритам и креативна визија да се спакуваат во минијатурна форма со несекојдневна убавина. Лоциран во Стокхолм, Шведска, минималистички уреден и со суптилни детали кои креираат романтичен амбиент, овој добро испланиран и организиран стан од 19 метри квадратни е вистинска инспирација и потврда дека малите димензии не се ниту ограничување, ниту, пак, гаранција за функционален дом со стил. Во ентериерот продира многу природна светлина, а целокупното уредување се заснива на белата боја и светлите тонови, што е секогаш добро решение за подобра визуелност во мали простори. Во малата квадратура, во отворениот простор умешно се интегрирани пријатна дневна соба, екипирана кујна, засебна комотна бања и импровизирана спална соба изднигната на повисоко ниво, под која е сместен простран плакар за складирање. Минимализмот овозможува овој стан максимално практично да ги използува лимитираните можности, а триковите во уредувањето, функционалните идеи за складирање, надополнети со внимателниот избор на нежни романтични декорации, креираат целина која слободно може да им парира и на многу поголемите станбени објекти, и во функционална и во естетска смисла. Погледнете ја и инспирирајте се од оваа мини оаза на стилот, сместена зад фасадата на постара градба од 40-тите со поглед на зеленилото на смирениот Стокхолм.