Комбинацијата на бели, црни и златни тонови е секогаш добитна варијанта за постигнување елегантен, префинет и помалку лукзузен изглед на ентериерот. Одличен пример за тоа е станот на Danielle Moss – младата дизајнерка, фотографка, блогерка и уредничка на The Everygirl, чија љубов кон уредувањето е и повеќе од воочлива во начинот на кој е стилизиран нејзиниот шармантен дом во Чикаго. Воедно, тоа е и просторот во кој ги остварува своите работни обврски, минувајќи го поголемиот дел од денот во него, па затоа, истиот, покрај тоа што е естетски уреден, е и исклучително функционално организиран за таа намена. Единствена придружба со која го споделува засега e нејзиниот симпатичен миленик – кученцето Buddy. Чист, женствен и неутрален, со спој на малку рустика и модерен дизајн, но и гламурозна нота, поради златните допири кои се присутни во секој простор. Вака во неколку збора може да се опише стилот на овој несекојдневно убав дом, каде сè е смирено, уредно и едноставно, а сепак толку инспиративно и весело. Белата и сивата боја, заедно со црните акценти, се тоновите кои доминираат во ентериерот и се изборот за основа на ѕидовите и мебелот, а суптилно се надополнети од колоритноста и нежните нијанси на уметничките слики и дезените на деталите. За личниот печат на дизајнерката најмногу сведочат декорациите одбрани со многу вкус, почнувајќи од златните украси и цветните аранжмани, па сè до ѕидните декорации и романтичните амбиентални свеќи.