Татнеж на науката и еретизмот, врв на радикалното свештенство, живот растргнат помеѓу две екстреми – титули и вуду, позициониран во средновековието на тогаш неоткриениот нов свет се чини како погодно тло да се зачне една несекојдневна, безгрешна, но забранета љубов. Уникатниот Маркез, авторот на безвременската „Љубов во време на колера“, овој пат сторијата ја врзува за младата Сјерва Марија, ќерка на шпански маркиз роден на територија која подоцна себеси се декларира како Соединети Американски Држави, ќерка која е последна врзна нишка на распаднат брак како симулативна градба на стариот замок во кој живеат.
Иако родена како благородничко чедо, таа не успева да ја почувствува згаснатата љубов во истрошениот дом, но она што ја прави различна од нејзините врсници е тоа што нејзиното детство се состои од опсервирање и изучување на магичните практики на нејзините слуги. Точката на заплетот се случува уште низ првите страници на книгата – каснувањето од куче кое наводно има беснило, така што низа доктори и низа третмани резултираат со татковото безволно предавање на девојчето во околниот женски манастир; каде што станува мета на интерес и интриги особено поради нејзиниот нескротлив карактер, наречен демон во тело на малечко црвенокосо суштество со кристално сини очи и необјаснив ореол. „Лудите луѓе не се луди ако нивното размислување е прифатено“ поентира Маркез, во својот совршен сплет на љубов и сомнежи…
„Она што е од суштинско значење, не е затоа што Вие не верувате во Бог, туку затоа што Бог продолжува да верува во Вас“.
Демонот кој ја опседнува душата на мистичната црвенокоса, е најлошиот од сите нив… најлош и најхрабар, затоа што дава несоборливи крилја човек да полета и да го прегрне своето постоење и животот, постоење за кое верува дека е сврзано со сродна душа. „За тебе бев роден, за тебе живеам и за тебе ќе умрам… за тебе сега умирам…“, како дел од мозаикот наречен потреба да се љуби!