Потребни биле цели 32 години, за архитектот Amador Calafat – Busquets да го оствари долго сонуваниот сон за топол дом во родниот крај Мајорка. Во младоста се вљубил во Германка и заедно започнале нов живот во Хамбург, Северна Германија, далеку од шпанското сонце, топлина и темпераментен дух. Основале семејство и воделе среќен живот, со низа приватни и професионални успеси, минувајќи ги деновите од одморот секое лето токму на шпанскиот остров. И покрај сè, Amador не успеал да ја покори носталгијата и одолее на најголемиот животен копнеж и жар, па, конечно, визијата и сликата носени три децении во мислите и срцето, се одлучил да ги овековечи со изградба на воодушевувачки убава кука на Мајорка. Резултатот е здание за кое е вистински предизвик да се процени дали поубаво изгледа, или, пак, мириса, дали е поубава внатрешноста или надворешноста, архитектурата или пејсажите. Сè е вистинско совршенство, заслужено носејќи го епитетот – дом од соништата. Куќата е традиционална градба фасцинирана од древната архитектура на Мајорка, изградена од локален камен, глинени плочки и дрвени греди, со простран расцутен двор кој мами воздишки со романтичната тераса и живописната градина, низ кои интензивно се разлеваат розовата и зелената боја. Внатрешноста, пак, зрачи со топлина, светлина и пријатната атмосфера на југот, уредена традиционално со рустикални мотиви, допири од дрво, бамбус и камен, меки и пријатни материјали, неутрални и светли тонови на мебелот и ѕидовите, и мноштво цветни декорации и украси кои ја надополнуваат позитивната енергија, и му даваат посебен шарм и живост на ентериерот. Хармонијата и раскошниот амбиент во кои денес живеат шпанскиот архитект и неговата сопруга, потврдува дека сонот за домот од мечтите дефинитивно може и треба да се оствари.
Дом на остварените соништа
Уреден е со многу љубов и внимание, од првиот до последниот детаљ.