Ако најчест симбол за летото се топлите денови и жештината од силните сончеви зраци, тогаш атрактивната куќа Casa Tataui дизајнирана од португалската архитектка Vera Iachia би била идеално место за летно бегство. Создадена е за оддишка и релаксација во исклучително свеж, пријатен и суптилен амбиент. Целокупниот ентериер на летната куќа е смирен и минималистички, со доминација на природните материјали. Уредена е со допири од дрво, бамбус и камен, и сензуална комбинација на белата боја со светло сините тонови. На тој начин умешно е внесен духот на летото, но во неверојатно светло, нежно и чисто издание, во кое се вдишува свежина. Високите плафони и големите откриени прозорци овозможуваат продор на многу природна светлина во секој агол од просторот, надополнета од амбиенталниот ефект на дрвените апликации и панели во бели и кремасти нијанси. Умешно се интегрирани и модерни парчиња мебел и додатоци во бели и пастелни тонови, кои одлично се вклопени со дрвените дизајнирани декорации, во преубаво стилизирана целина. Колоритноста и поинтензивните бои се застапени само во минијатурни катчиња, внесувајќи разиграност во хармоничната белина на собите. Смирената нота и спојот на бои од внатрешноста е пресликан и во надворешното уредување, на пријатната тераса и мини фонтаната позиционирана на еден од ѕидовите од бело-сината фасада.
Релаксирана летна куќа
Создадена е за оддишка и одмор во свеж, пријатен и лежерен амбиент.