Во живописниот регион Андалузија, меѓу зеленилото од дабовите и маслинови дрвја, расцутените костени и рустичните визби, сместен е преубавиот летен дом на лондончаните Linda и Martin Bradbury, комплетно различен од животот во облачната англиска престолнина. Руралниот имот во малото место Гауцин комплетно го преуредиле и редизајнирале самите тие, претворајќи го во дом каде целосно ќе можат да уживаат во нивната страст за читање, готвење и градинарство, но и во долгите релаксирани седенки со пријателите. Првобитната градба располагала со одлични можности за проширување и реновирање, па со помош на локалните професионалци, просторно ги зголемиле терасите и тремовите, додале базен, ја прошириле градината и насадиле мноштво дрвја и медитерански врсти на овошје и зеленчук – идеални за нивните вкусни рецепти со свежо набрани намирници. Во ентериерот се вдишува свежина и спокој, рефлектирани од суптилната комбинација на белата боја која е доминатна на ѕидовите и мебелот, како и аква сините тонови на прозорците и додатоците. Во ист тон се стилизирани сите соби, како и интимните катчиња издвоени за читање и одмор. Во уредувањето е присутна и автентичната рустична нота: стариот и реставриран мебел, сензуалните декорации и традиционални украси, допирите од дрво и бамбус. Куќата е во постојана врска со природата, присутна со мноштвото цветни аранжмани, како во внатрешноста, така и на раскошно украсените сликовити тераси, кои мамат воздишки со погледите кон идиличните пејсажи. Погледнете како изгледа летниот дом во кој хармонично се празнува животот, а душата нежно ја гали убавината на андалузискиот син хоризонт.
Хармонична куќа за одмор
Место за совршено бегство и уживање во топлината, пријатниот амбиент и прекрасните звуци на природата, далеку од буката и градскиот метеж.