Вака во неколку зборови може да се опише елегантната летна куќа на уметничката Margo Ouellette, нејзиниот сопруг Philip Evans, и нивната симпатична миленичка Chloe. Лоцирана е на островот Martha’s Vineyard, но со својот софистициран дизајн значително отскокнува од традиционалните куќи карактеристични за овој американски крај. За комплетното внатрешно и надворешно уредување се погрижила самата Margo, црпејќи инспирација од боите на океанот и сензуалноста на цветните бои. Во ентериерот доминира тиркизно сината, која заедно со белата ја сочинува основата на просторот, а дополнета со бледи и посилни тонови на зелена, розова и виолетова боја, интегрирани со многу вкус преку мебелот и деталите. Спалната, пак, е интензивна комбинација на зелена, портокалова и бела боја. Секое катче во овој пријатен дом е уредено со впечатливи декорации и цветни аранжмани, а ѕидовите украсени со уметничките дела на сопственичката, меѓу кои значајно место завзема и уникатниот портрет – посвета на љубовта кон Chloe. Целокупниот простор дише со стил и свежина, фасцинацијата од тиркизот, но и целокупната палета на бои кои се дополнуваат, вклопени во хармонична и исклучително пријатна визуелна целина. Ентериерот е умешно пресликан и во живопиписната градина со хортензии, расцветана во бои идентични на оние од внатрешноста.
Тиркизно син дом
Блескав колоритен дом кој зрачи со живост, суптилност и ведрина.