Со францускиот шарм во воздухот, звуците на саксофон кои допираат од околината и фасцинантните глетки на пурпурните зајдисонца, хотелот ,,Mandarin Oriental” нуди магично доживување на кое тешко може да се одолее. Лоциран е во срцето на Париз, на улицата Saint-Honoré, a во непосредна близина на музејот Лувр, така што постојано е опкружен со случувањата од високата мода во најелитниот кварт на прекрасниот град. Хотелот е некогашна стара француска градба, денес претворена во вистински храм кој зрачи со својата безвременска софистицираност и стил, рефлектирајќи ги елеганцијата и шармот на 30-тите години во француската метропола. Располага со 138 делукс соби, 7 дуплекс апартмани и неверојатен кралски апартман со површина од 350 м2, сите со извонредни панорамски погледи на градот на светлината. Особено се издвојува живописната градина интегрирана во внатрешноста, со многу зеленило и пријатна тераса, издигната како вистинска оаза меѓу метежот и динамиката на урбаниот Париз. Ентериерот е уреден во модерен стил, со нежен и романтичен амбиент, светли и топли тонови, деликатно избран дизајниран мебел, меки материјали и луксузни драперии. Архитектот Jean-Michel Wilmotte и дизајнерката Sybille de Margerie инспирацијата ја црпат од Арт Деко движењето, париската мода, фотографиите на Man Ray и неговата муза Kiki de Montparnass, и суптилноста на златните години во Париз, симболизирани во просторот со префинетите женски силуети и пеперутки.