Спојот на неспоивото и необичниот микс на стилови креираат комплетно нереална, оригинална и воодушевувачка визуелност во дом-студиото на шпанскиот фотограф Manolo Yllera во Мадрид. Целиот простор е комплетно отворен и наликува на поткровје, со носталгичен амбиент кој евоцира спомени на њујоршките станови од 80-тите, и ентериер кој е романтичен, елегантен и интимен. Tрадиционалното и класичното уредување, во допир со модерните и шик детали, му дава боемски шарм на целото опкружување, и создава хармонична фузија на навидум неспоивите стилови и детали. Белата боја е основата која доминира во студиото, давајќи му светлина и визуелно проширување на просторот, и одлично ги акцентира поставените парчиња мебел и опрема, кои се комбинација на индустриски материјали и ретро мебел. Дрвениот под, ѕидовите со груби завршетоци, високите плафони, реставрираните прозорци, надополнети се во уредувањето со многубројни винтиџ елементи, дизајнерски декорации и автентичен печат на фотографот.