Денешното креативно катче го посветуваме на мини проект како старите и употребени конзерви од секојдневието да ги претворите во извонреден декор за вашиот дом. Дадете му романтичен тон на вашиот двор, во пресрет на убавите топли денови, идеални за седенки и коктел забави во градината. Со малку труд и време, минимум ,,занаетчиски” вештини и материјали, од неупотреблива конзерва можете да создадете преубав детал, со функционална намена.
Потребно ви е:
– Стари конзерви (празни и исчистени, во било која големина)
– Чекан
– Клинци
– Лист хартија, молив, самолеплива лента и ножици (доколку планирате да користите однапред подготвена шема)
– Спреј во боја или перманентни маркери (по желба)
– Декоративни свеќички
– Жица (доколку ги закачувате во градината)
– Крпа
Начин на изработка:
Од старите конзерви отстранете ги налепниците и остатоците од лепак, а потоа исчистете ги добро. Наполнете ги со вода и оставете ги во замрзнувач, една вечер, додека водата целосно не замрзне. Ваквиот чекор го спречува искривувањето на конзервите во наредната фаза. Со чекан и клинец направете отвори на конзервата, со големина, број и дизајн по желба, произволно, или, пак со претходно направена шема на лист хартија. Каков и да биде вашиот избор, нема да изостане убавиот ефект. Кога ќе завршите со длабењето отвори, отстранете го мразот, избришете ја конзервата со сува крпа, и додате ја жицата за прикачување. Последниот чекор е украсувањето, кое можете да го постигнете со бојадисување со спреј или перманентни маркери, и вметнување декоративна свеќичка во внатрешноста. Вашиот нов романтичен фенер е подготвен да блесне во градината.