На југот од Франција, во опкружување од Приморските Алпи, долината на реката Рона и Средоземното Море, сместено е парче земја со рајска убавина, каде соништата оживуваат, а будните сетила се магепсани од пријатноста на мирисите, звуците и живописните пејсажи. Во минатото римска провинција, а денес дел од најатрактивната туристичка регија, Прованса е дестинација која има нешто недофатливо, нешто што ги надминува географските и историските граници во прославувањето на радоста на животот. Во внатрешноста, величенствените глетки мамат воздишки, почнувајќи од миризливите лаванди распослани до бескрај во далечината, раззеленетите лозја, маслинови стебла, жолтиот сјај на сончогледите и афионот, па се до цветните ливади под синиот небесен хоризонт. Романтичните патеки и тесни улички водат до безброј авантури, можност да се отпатува во историјата и разгледаат сочуваните антички аквадукти или средновековни замоци, да се ужива во видиците од шармантните француски кафулиња и сцените од секојдневието на пазарите, или да запознае дел од богатото културно наследство во многубројните уметнички галерии и музеи. Градовите се динамични, урбани и разиграни, како во филмските сцени во кои се често прикажани, а планинските сликовити села со рустикални куќи и предели, пак, целосно се оддалечени од буката и метежот. Срцето на Прованса е пределот Луберон, каде најмногу доаѓа до израз автентичноста на овој сончев регион, а на кој се надоврзуваат културниот и историски центар Авињон, и впечатливите Екс Ан Прованс и Арл. Светлината и медитеранската припадност на Прованса се често опишувани и опевани, фотографирани и насликани, па така голем дел од уметничките дела на Пикасо, ван Гог и Сезан се инспирирани токму од убавината на францускиот јужен крај, кој никого не остава рамнодушен, било да е патник намерник, или само случаен минувач.
Comments are closed.