Драго ЈАС,
Со тебе сум кога си со солзи во очите, кога те обзема лутината, кога потклекнуваш пред тагата, кога те совладува нервозата. Тука сум и кога среќата те возвишува, кога љубовта те магепсува, кога со радост широко го отвораш срцето. Во ред е што целосно им се препушташ на емоциите. Никогаш нема да те напуштам, затоа што те сакам.
Ти ветувам дека никогаш нема да те оставам да се загубиш. Никому и никогаш нема да дозволам лошо да се однесува кон тебе, да ти се обраќа без почит, грижа или восхит, бидејќи ти не го заслужуваш тоа. Со своето однесување тоа постојано и ќе ти го докажувам. Нема да итам зад никој кој бега од тебе, ниту, пак, ќе се обидам да те променам, само за да го импресионирам другиот. За мене си совршено Јас, затоа што сфатив дека недостатоците се дел од твојата единственост. Затоа што си прекрасно живо битие, такво какво што си, и го имаш сиот универзум на твоја страна.
Жал ми е за начинот на кој некогаш во минатото се однесував кон тебе. Тогаш не ја препознавав твојата вредност, не се гордеев со твоите доблести. Но, сега знам. Сега гледам. Ја гледам сета убавина, сила, храброст и јачина која ја имаш во срцето. Ги гледам талентот, светлината, милоста и љубезноста со кои ти зрачи духот. Ги гледам привлечноста, сексапилот и нежноста кои ги носиш на телото. Ја гледам и љубовта. Ти си љубов. ТИ СИ ЉУБОВ.
Жалам за сите ужасни нешта кои некогаш ги помислив и ти ги реков, за сите мигови во кои те прекорував да се промениш, за сета тежина која ти наредив да ја изгубиш, за сите моменти во кои те терав да бидеш подобро, поубаво и ,,посовршено’’ Јас. Жал ми е за сите прилики во кои те споредував со другите и те обесхрабрував, што ти велев дека ,,ти не можеш да го направиш тоа’’ , дека,, ти не заслужуваш’, или, пак, дека ,,некој друг тоа може да го стори тоа многу подобро од тебе’’. Не требаше да те критикувам поради тоа што си. Ти беше, си и ќе останеш моето неверојатно Јас.
Жал ми е за сето време во кое те замолкнував и спречував да се покажеш во вистинско светло, или храбро да ја искажеш љубовта, што те задржував и стишував толку многу пати. Жал ми е и што те убедував дека не си доволно добро во односот кон луѓето и во работата, дека си недостојно да ги оствариш своите сништа или добиеш посакуваната љубов. Сега знам. Ти си и повеќе од тоа.
Затоа, никогаш повеќе веќе нема да те критикувам или потценувам, мислејќи дека ти недостасува она ,,нешто’’ што другиот го има. Никогаш повторно нема да дозволам мислењето на другите личности да те одредува или влијае негативно на твоите животни избори. Нема да дозволам никому да ти наредува, ниту ќе дозволам да чекаш предолго, или безнадежно да се обидуваш и трудиш некој да те засака. Никогаш нема да ја задушам твојата светлина. Ти ветувам.
Ти ги заслужуваш и Сонцето и Месечината, и ќе ти ги дадам. Ќе се однесувам кон тебе како блескава и сјајна ѕвезда, во секое време. А во миговите кога нештата ќе ти се чинат тешки и неостварливи, ќе погледнам кон небото, и ќе се помолам за волјата и храброста кои ти се потребни, за и тоа да го надминеш. Едно запомни – секогаш ќе постои некој кој ќе те сака поради тоа што си, бидејќи ништо не погреши, и ништо не треба да менуваш, доколку ти тоа не го посакуваш. Бескрајно вредиш и твоето постоење ми значи многу. Те сакам премногу.
Со љубов,
ЈАС
Постои ли нешто што сакате да си го кажете себе си? Нешто што вашето ЈАС од сегашноста, минатото, или можеби иднината сака да го слушне од вас? Охрабрете се, и кажете си го токму она што сакате да го слушнете. Кажете си ја ВИСТИНАТА. Бидете си најдобар пријател. Пишете си убава порака, писмо со љубов, пишете си колку сте прекрасни, и не заборавајте да се потсетите секогаш кога тоа ќе го заборавите. Сакајте се себе си вистински,длабоко и целосно, не чекајќи некој друг да го стори тоа наместо вас.