Неверојатната природа и долговековната културна традиција се спојот кој ја издвојува Тоскана како една од најмагичните туристички дестинации во Европа. Распространет на површина од околу 23 илјади км2, и со популација од близу 3.7 милиони жители, овој живописен регион има сосема заслужена репутација како најубавото нешто што може да се искуси во Италија. Поделен е на девет провинции, меѓу кои Фиренца, како главен град, а тука се и Пиза, Сиена, Лука, Арецо и Ливорно, но и примамливите помали градови и села лоцирани на ридските предели. Колоритните пејсажи на овие места оставаат впечаток дека на секој агол се кријат нови раскошни видици излезени како од разгледница. Многубројните лозја кои се наѕираат покрај камените патеки, ја откриваат тајната на квалитетното сортно вино, а локалните ресторани со рустикален декор мамат со вкусот на традиционалната италијанска кујна. Старите катедрали и историски музеи во поголемите градови, пак, сведочат за богатата традиција и историја на Тоскана, која важи за колевка на Ренесансата, и инспирација за безброј уметници, како во минатото, така и за современата култура. Во нив може да се сретнат изложени извонредни слики, скулптури, фрески и архитектонски ремек дела. Како финален детал кој ја збогатува и онака примамливата понуда, се убавите плажи долж брегот на Тиренското Море. Можностите се безбројни, и речиси е невозможно да се доживеат сите нешта одеднаш, но едно е сигурно – Тоскана е дестинација која заслужува да се најде на сечија туристичка мапа.
Comments are closed.