Не постои подобро време за посета на Јапонија од пролетта, кога розовите цветови на јапонската цреша сакура ја претвораат оваа островска држава во вистински рај на Земјата. Секоја година, во периодот од март до мај, еден по друг, јапонските градови се преобразуваат во огромни цветни градини. Нежно розовите цветови се редат до бесконечност во далечината, ублажувајќи ги строгите линии на традиционалните куќи. Како вистински вљубеници во природата, Јапонците секој слободен миг го користат за да пронајдат што подобро место во парковите или покрај реките, да се сместат со семејството и пријателите, и да уживаат во пикникот под црешовите крошни. Набљудувањето на црешовите дрвја и нивните цветови се нарекува Ханами и е стар јапонски обичај со долгогодишна традиција. Претставува доживување само по себе, и ритуал, со кој се прославува доаѓањето на пролетта, но и се воспева минливоста на времето. Трае само недела или две, колку што се задржува и самиот цвет на црешовата крошна, но е вистински празник за сетилата, кој се нетрпение се очекува, како од милионите Јапонци, така и од бројните туристи од целиот свет. Денес, Ханами е масовен културен и туристички настан. Се е во знакот на сакурата и розовата боја, и е идеална можност Јапонија да се доживее на автентичен начин.