Во строгиот центар на Париз, на последниот кат од стара градба, младиот пар архитекти од студиото l’Atelier d’Archi имаат создадено елегантно и префинето, но мошне пријатно станбено гнездо за живеење. Станот е дуплекс со вкупна површина од 70 метри квадратни и минималистички уреден ентериер, кој овозможува максимален комфор и рационално искористување на просторот, а притоа изгледа софистицирано и урбано. Дизајниран е со палета на смирени тонови и модерни текстури, избрани со многу вкус, со што се оддава впечаток на стилски компактна целина во која доминира личниот печат на двојката. Светлите бои внесуваат свежина и по малку скандинавска елеганција, додека потемните тонови во комбинација со дрвените допири овозможуваат топол и пријатен амбиент во домот за нив и нивниот мал син. Одличен пример е како и станбен простор со не толку голема површина, може целосно да одговори на потребите на современото семејно живеење, во секогаш динамичниот град на светлината.