Ништо на светот не е поболно од разделбата со личноста која ви е сѐ во животот: радост и поткрепа, извор на сила, сигурност и безусловна љубов. Емотивно, физичко или духовно оддалечување, секогаш е со ист ефект – трага која засекогаш останува, присутна и толку неподносливо силна, што чиниш сѐ што преостанува од животот понатаму е постојано талкање по парчето кое е откинато од душата, и однесено некаде низ виорот на времето.
„Татко и ќерка“ (,,Father and daughter”) е холандски анимиран краток филм, за зборот збогум како конечна пресуда на физичкиот контакт, но не и на живиот копнеж во срцето. Татко се збогува со својата ќерка, времето минува, а езерото е сведок дека потребата по него никогаш не згаснува во нејзините мисли.
Анимираното видео во режија на Мајкл Дудок де Вит, во само осум минути и без ниту еден вербален дијалог, метафорички ја прикажува животната приказна за љубовта и разделбата од ближниот. Во 2000-та година беше награден со Оскар во категоријата за најдобар краток анимиран филм.