Леонардо ди Каприо во ерата на опуштениот морал, блескавиот џез и кралевите на шверцот.
,,Големиот Гетсби’’ e најновиот филм во режија на австралискиот режисер Баз Лурман, кој жанровски се класифицира како костимирана драма и романса. Станува збор за уште една филмска адаптација на истоимениот роман од Френсис Скот Фицџералд, а во која еден од најдобрите актери на денешницата ќе блесне во сјајот на 20-тите години од минатиот век.
Покрај Леонардо ди Каприо, актерската екипа која ќе ги оживее дваесеттите години на големото платно ја сочинуваат и: Кери Малиган, Тоби Мегваер, Џоел Едгертон, Џејсон Kларк, Ајла Фишер и Елизабет Дебики.
Најновото остварување на Лурман за филмското студио „Ворнер брос“ со нетрпение се очекува, а треба да се појави во кино-салите во 3D издание.
Во центарот на приказната е младиот писател Ник Каравеј (Мегваер), кој го напушта Мидвест, за да се досели во големиот Њујорк, пролетта 1922 година. На патот кон остварувањето на својот личен ,,американски сон’’, Ник влетува во животите на мистериозниот љубител на забави, милионерот Џеј Гетсби (ди Каприо), неговата братучетка Дејзи (Малиган), но и нејзиниот флертувачки сопруг со ,,сина крв’’ Tом (Едгертон). Ник се вовлекува во занесниот свет на екстремно богатите, нивните илузии, љубови и измами. Сведочејќи за внатрешноста и надворешноста на светот во кој се вгнездува, тој ја раскажува приказната за невозможната љубов, нераспадливите соништа и трагедија од високи октани, држејќи го огледалото вперено кон модерното време, кон нашите сопствени судбини и страдања.
,,Големиот Гетсби’’ ќе биде промовиран кон крајот на годината, на 25 декември, а ненадејно беше пуштено во јавноста и првото промотивно видео, со музичка подлога од Џеј-Зи и Канје Вест, кoе ја заскокоткува мечтата за филмската приказна и ветува дека филмот ќе ги исполни очекувањата, дури и на најпребирливата публика.