„Отсекогаш сум верувал, и сеуште верувам: дека она што го нарекуваме добра или лоша среќа секогаш може да даде значење на нашиот живот ако умееме да ја трансфомираме и да и дадеме вредност. Таква категорија е љубовта“, вели Хесе во својата антологиска збирка на различни литературни видови – почнувајќи од прозни раскази, поетични величања на љубовта, извадоци од неговите публикувани дела, како и негови најмаркатни цитати. Се’ во името на оваа трансформирачка моќ на уникатното чувство кое се шири како причинско-последична зараза на која никој не е имун.
Понесен од основната идеја да ја изнесе суштината на оваа емоција, како жариште на животот, како тежиште на светот: во оваа насока, тој ќе рече „како тело, луѓето може да се без пар, но како душа – никогаш“, со што се оправдуваат и оние наслови чиј крај не доживува апсолутна среќа или надеж за истата во оваа ретка и исклучителна збирка. Тој цели на тоа дека „среќата е одговор на прашањето *како*, а не на *што*, затоа што таа е талент, а не предмет“ и дека „ако човек спознае што е љубов, тоа е поради спознавањето на вонтелесниот, друг дел од себе“; при што се пружа едно интересно и отсекогаш познато откровение… љубовта не е цел сама по себе, таа е самиот пат до целта, вечната потрага по целта, трудот и напорот кои водат до таа цел… жртвувањето, простувањето, споделувањето… комплексноста на одговорот на гореспоменатото прашање „како?“. Реално или фиктивно, сите сме носители и сите сме очевидци на најголемиот благослов и најголемото проклетство истовремено: способноста да љубиме. Не постои човек кој не потклекнува на врховноста на оваа појава – ретроспективно не постоел и евидентно ниту ќе постои. Бидејќи таа е единственото нешто што го сепарира човекот од ѕверовите, човекот перцепиран како homo sperans, односно битие кое се надева. Битие кое умее да сака.
„Без концепт, без писмена форма и без книги нема да има историја, нема да има концепт на човештвото“ – а како поубаво истото би се дефинирало на начинот на кој Хесе ја илустрира љубовта, како потекло на среќата? Среќен е тој што умее да сака, навистина е…