Турскиот дизајнер Хајри Атак од Architectural Design студио претстави неверојатен концепт на облакодер што потенцијално може да ја промени панорамата на Њујорк…
Засега, силуетата на овој град не поседува ништо слично како величествениот концепт на овој облакодер, додека турското архитектонско студио го опишува како „аморфна“ структура, која има „транспарентен изглед во панорамата на градот“.
Структурата изгледа органски, како да е направена од глина или пластелин. Нејзиниот дизајн е инспириран од биолошки концепти, како што се анатомијата и клетките, поради што лесно се издвојува меѓу многу други правоаголни градби.
Оваа компанија е позната по структурите кои често ја напуштаат зоната на комфорот, а претходно креираа нешто слично за Дубаи. Студиото, познато по своите прекрасни облакодери и трансформацијата на градовите, призна дека ако се изгради овој облакодер, сумата што би била потребна за тоа би имала голем број нули.