Празниците се секогаш добар потсетник дека топлата атмосфера во домот, споделувањето љубов и пријатните мигови поминати во кругот на семејството се најубавите нешта кои можете да си ги ,,подарите’’ на себе. Свечените прослави и празничниот декор, пак, се најубавата најава за пристигнувањето на последното годишно време во домот. По денот поминат на ниските температури надвор, домот е единственото засолниште и местото каде минуваме се’ повеќе време токму во зимскиот период, а особено во екот на празничната сезона. За таа намена, ви претставуваме низа креативни примери и инспиративни предлози за уредување на домот во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Обвиткајте го секое катче во пригодно новогодишно руво и подгответе ја празничната трпеза за весели прослави со најблиските, создавајќи минијатурен фестивал на радоста во домот.