Луксузот е најчесто синоним за огромни и масивни животни простори, каде дизајнерите не штедат на скапоцени парчиња мебел и раскошни декорации во ентериерот. Сепак, и малиот станбен простор може да изгледа богато и елегантно, доколку е уреден со вкус и вистински избор на детали. Одамна заклучивме дека скромната квадратура не е пречка за пријатен, удобен и функционален дом, па ни тоа истиот да изгледа убаво и стилски уреден. Проектот кој овојпат ви го претставуваме, пак, сведочи како елегантната нота може да се спакува во гарсониера со минијатурни димензии. 20 метри квадратни никогаш не изгледале толку елегантно и урбано стилизирани, како во овој мини ентериер со изненадувачки убав спој на класика и луксуз, дело на дизајнерката Екатерина Ремизова. Користејќи се со паметни трикови за заштеда на простор во текот на деноноќието, дизајнот на станот ги содржи сите неопходни елементи за пријатен престој, а дел од нив се вешто затскриени и мобилни парчиња мебел. Секој центиметар од станот ја одразува силната и авантуристичка природа на станарите, а притоа овозможува секоја достапна површина наменски да се искористи за задоволување на потребите и изразување на нивната индивидуалност. Во продолжение, ви ги претставуваме фотографиите од визуелизацијата на станот, која нуди неколку алтернативни решенија за уредување на ентериерот. Пронајдете ја вашата омилена идеја.