Во четврток (7.април), со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведена балетската претстава „Есмералда“ на музика од Чезаре Пуњи.
Ансамблот на балетот на Македонската Опера и балет, ќе го прикаже бисерот на балетската уметност, претставата „Есмералда“ работена според романот „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз” од Виктор Иго. Приказната за безнадежната љубов, за животот и смртта, кај нас ќе јас пренесе реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин.
Во улогата на убавата Есмералда ќе настапи примабалерината Александра Мијалкова, додека во улогата на Феб, првенецот Васил Чичијашвили. Во останатите улоги ќе ги видиме, Флер де Лис: Наташа Јосифовска, Квазимодо: Јан Кисилев, Клод Фроло: Драган Кочоски, Гудула: Марија Јосифовска Ристовска, Циганка: Саша Евтимова. Со оркестарот на МОБ ќе диригира Бисера Чадловска.
I чин
На преморената мајка Гудула, која заспива, Циганите и ја крадат малата ќерка. На плоштадот во Париз, грбавиот Квазимодо го бираат за татко на шутовите, на нивниот празник. На плоштадот доаѓаат циганите и Есмералда го почнува својот провокативен танц. Клод Фроло, архиѓакон на црквата, страсно ја гледа. Есмералда, собирајќи пари, избезумена застанува пред една старица. Тоа е Гудула. Клод Фроло му наредува на Квазимодо да ја грабне Есмералда. На нејзинот крик доаѓа капетанот Феб, ја спасува, го пушта Квазимодо, а Есмералда маѓепсна гледа во Феб. Свадба на Феб со Клер де Лис. Феб ги здогледува циганите со Есмералда и ги поканува да влезат во замокот. Есмералда е среќна и возбудена, го започнува својот танц, а Феб и се придружува.
II чин
Таверна навечер. Циганите играат. Доаѓа Феб, а тука е и Квазимодо. Феб и Есмералда одат зад вратата, во исто време доаѓа и Клод Фроло. Прегрнувајќи ја Есмералда, Феб е прободен со нож. Убиецот се сокрива, а Квазимодо го подига ножот и сфаќа дека убиец е Клод Фроло. Есмералда е обвинета за убиство. Клод Фроло и нуди спас, барајќи ја нејзината љубов. На плоштадот се спрема казна за Есмералда. Гудула ја препознава ќерка си и ги обвинува Циганите за кражба. Паѓа мртва. Квазимодо ја зема Есмералда и ја носи во црквата, но Клод Фроло ја враќа на џелатот. Квазимодо во бес го турка Клод Фроло од кулата на црквата.
Divianarts.com е медиумски покровител на МОБ.