Дуксери, маици и хеланки се само дел од колекцијата со потписот на дизајнерката Ирина Тошева во продукција на македонската фабрика „Цеботекс“, која беше презентирана денеска на скејт – паркот лоциран на Кејот на реката Вардар, во организација на Моден викенд Скопје.
Колекцијата која вбројува 15 спортски машки и женски парчиња и го носи името „Cebotex activewear by Irina Tosheva“ беше претставена со необичен перформанс на манекенки, „бемиксери“ и „блејдери“ со музиката на диџејката Ана Мало.
Спортската колекција е реализирана во рамките на проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу дизајнерите и фабриките“ кој е поддржан од Министерството за економија на РМ, односно Секторот зa претприемништво и иновации.
Проектот е дел од бизнис програмата на последната дванаесетта сезона на Моден викенд Скопје, која резултираше со соработка помеѓу македонската фабрика за спортска гардероба „Цеботекс“ и дизајнерката Тошева која работеше на колекцијата неколку месеци.
„Редовно ги поддржуваме талентираните дизајнери и развојот на домашната економија. Со таа цел се трудиме да ги поврземе креативците со македонските фабрики и брендови. Сметаме дека Македонија има дизајн кој не заостанува во однос на познатите странски брендови а и цените на оваа колекција се достапни за домашните купувачи.“, велат организаторите на настанот.
Фотографиите од денешниот настан се на „Ани и Дими“.
Во продолжение, премиерно ви го претставуваме и каталогот кој Ирина Тошева и нејзините соработници го изработија за заедничката соработка на модната дизајнерка и „Цеботекс“. Тимот кој работеше на фотографиите за каталогот го сочинуваат: Ани&Дими (фотографија), Анита Гај (графички дизајнер), Виктор Цветановски (кастинг), Јована Коциќ (шминка), Студио Cool Cut (фризура), Александра Наумова и Иван Ристевски (модели), My:Time (часовник), Converse (патики) и Panda optic (очила за сонце). Продуцент на кампањата е Света Богова- Јовановска.
Парчињата од колекцијата се достапни за продажба во ателјето на дизајнерката Тошева како и на веб страниците www.bastetnoir.com и www.irinatosheva.com.