Скандинавскиот стил на уредување секогаш ги преферира минимализмот и природните декорации, па ниту божиќното украсување не е исклучок. Се карактеризира со природни новогодишни елки и украси, како што се борови шишарки, мов, гранчиња и слични декорации кои може да се најдат во природата. Ако на тоа се додадат и свеќи, крзно, сијалички и фенери, впечатокот може да биде воодушевувачки. Скандинавските новогодишни елки се најчесто природни, а украсени се многу минималистички, само со неколку лампиони, додека некои воопшто не се украсени – дрвото останува природно и ненакитено, какво што било и во природата. Божиќните декорации во скандинавски стил често вклучуваат и накитени гранчиња во вазна, или, пак, украсени чемпреси и други зимзелени дрвца во тегли. Ви претставуваме еден прекрасен семеен дом, комплетно инспириран од нордискиот стил, кој во екот на празничните прослави зрачи со елеганцијата, едноставноста и убавината. Пронајдете ја омилената идеја и внесете скандинавска магија и во вашиот животен простор.