Флексибилен концепт за дом кој се прилагодува на сопственикот и локацијата.
,,Casa Invisible’’ (,,Невидлива куќа’’) претставува флексибилен концепт за домување, дизајниран од студиото Delugan Meissl Associated Archtiects. Проектот се развива во 2013 година, а ја одразува грижата на архитектите за поголема интеракција помеѓу објектите и нивното опкружување, обидувајќи се да понуди ново решение за оние кои бараат иновативни концепти за домување. Станува збор за куќа со површина од 50 метри квадратни, која претставува монтажна дрвена структура, а нуди низа предности по кои се издвојува од навидум сличните опции. Најпрво, лесна е за склопување и расклопување, но и за транспорт, што овозможува промена на локацијата и нејзино поставување буквално секаде, доколку условите го дозволуваат тоа. Понатаму, клиентите имаат можност да одберат фасада и дизајн на ентериерот од каталогот кој нуди низа опции на уредување. Во понудата се неколку различни изгледи како опција, дозволувајќи им на сопствениците самите да го прилагодат проектот на повеќе начини.
Куќата која ви ја прикажуваме во продолжение е со огледална фасада, која овозможува рефлексија на нејзиното опкружување, па речиси и да исчезнува во средината, губејќи се помеѓу околните пејзажи. Ентериерот на куќата е отворен простор кој со двостраниот камин е поделен на неколку зони. Секоја зона има различна функција, како и поинаков дизајн на ентериерот. Куќата вклучува компактна кујна, пријатен дневен престој, трпезарија, и секако, ноќна зона. Дневниот престој е мал, но фактот што комуницира со надворешноста и околината му дава воздушест амбиент и близина до убавите глетки. Минималистичкиот мебел ги нуди сите неопходни функции за простор од ваков тип. Трпезаријата е продолжение на кујната, а во конкретниот пример, поставена е помеѓу кујната и дневната соба. Внимателно скроениот дизајн и флексибилната цена се уште една причина поради која ,,невидливата куќа’’ е атрактивна солуција за домување. Интересен проект, зар не?