Ви претставуваме одлично стилизиран трособен стан во Рим, кој освојува на прв поглед со својата едноставност и удобноста која ја нуди во внатрешноста. Уреден е мошне скромно и ненаметливо, а сепак со многу вкус, оригиналност и убав амбиент истовремено. Проектот е дело е на архитектите од италијанското студио за дизајн ,,Mob Architects’’. Изборот на бои во дневниот престој се сведува на светли нијанси и неутрални тонови, кои воопшто не делуваат монотоно, туку се исклучително пријатни за окото, давајќи му смиреност и лежерна нота на станот во целина. Креиран е отворен распоред кој е добро осмислен и испланиран, а во него пригодно се сместени дневната соба, трпезаријата и кујната. Пурпурната боја е нитката која ги поврзува просториите, а застапена е преку акцентите, и тоа: фотелјата во дневната соба, горните елементи во кујната и транспарентните пластични столици во трпезаријата. Деталите се внимателно и креативно избрани, па најзаслужни се за стилскиот изглед и елегантниот допир во ентериерот. Во спалната соба, фокусот е ставен на креветот, а прекриен е со дезенирана ткаенина со цветен принт. Од спалната соба, пак, преку скриената врата низ орманот се стига до бањата. Детската соба е прилично мала, но особено пријатна и удобна. Во продолжение, погледнете како е средена секоја од собите и инспирирајте се од фините и паметни идеи кои ги нудат.