Со eсента на прагот, најновата кампања на H&M Home донесува грст убави идеи и интересни аксесоари за освежување на домот во пресрет на новата сезона. Познатиот шведски бренд понуди одлична есенска колекција за уредување на домот, а оваа година главна инспирација е природата – зеленилото и природната боја на дрво, заедно со текстурите и парчињата кои имаат рачно изработен (несовршен) изглед. Во колекцијата за престојната есен ќе пронајдете и палета на неутрални бои, придушени сиви тонови, беж и кафени нијанси, како и топлите тонови на сенф и зелена. Постелнината од природни ткаенини и сомот им дава на собите нежен и кантри карактер, додека бакарната и розовата ја заокружуваат целата колекција. За студените есенски денови, H&M Home предлага да се стоплите со нивните топли ќебиња, перничиња и постелнина. Прекривките со ботанички и животински принт, како и килимите со геометриски дезен ја надополнуваат богатата понуда, која е во скандинавски стил, но со рустични финеси. Погледнете што се’ ве очекува и какви додатоци за вашиот дом можете да пронајдете во каталогот на H&M Home посветен на есенската кампања за 2015 година.