Ви претставуваме дом кој е позитивен пример за балансиран, стилски и убаво испланиран простор за живеење. Станува збор за бел и простран ентериер во Шведска, чиј внатрешен дизајн е типичен за овој регион. Тој е едноставен, светол и кохезивен, а планот на станот е со отворен распоред. Трпезаријата, кујната и дневниот престој споделуваат еден голем простор, односно комуницираат како целина. Секоја зона има посебна атмосфера, иако имаат повеќе заеднички елементи. Во ентериерот е воочлив континуитет на стилската тема, со палета на бои која е воздржана и ограничена. Белата боја е применета како основа за поголемиот дел од декорот, од ѕидовите, таваните, па се’ до подот. Воочливи се и суптилни колоритни допири во секоја област, најповеќе со акценти во пастелни нијанси. Животниот амбиент во дневната соба е светол и транспарентен, а облагороден со фини детали, како стилската масичка за кафе и аголниот камин кој создава топла и гостопримлива атмосфера. Спалната соба, пак, разиграна е со мебел кој ги комбинира црвената и розовата боја. Прекрасно уреден ентериер, зар не? Погледнете ги фотографиите и одберете ја омилената идеја.