Ако досега не сте ја посетиле Валета, сега е вистинско време да го сторите тоа. Престолнината на Малта слави 450 години постоење и по тој повод, градот доби нов, сензационален изглед. Валета изминативе неколку години се реновираше, а архитектот кој стои зад новиот, современ изглед на градот е познатиот Renzo Piano кој меѓу другото ја дизајнираше и новата зграда на парламентот, со ласерски елементи на фасадата.
Валета е мал главен град сместен на мал полуостров, така што никогаш немал простор драстично да се прошири. И понатаму останува во своите стари рамки, каде улиците ги красат прекрасни градби од 17 век, а секако тука се и двете природни пристаништа на Средоземното море. Град богат со музеи, катедрали и уметност, град во кој контрастот помеѓу старото и новото е изразен толку суптилно, што едноставно остава без здив.