Хармонијата на природата и стилски уредениот ентериер се спојот кој како ретко каде восхитува во овој идиличен дом. Ви претставуваме навистина чудесна куќа, сместена во еден од најубавите краеви на светот – магичната Прованса на југот од Франција. Мами воздишки со архаичната камена градба и прекрасната сончева градина со веранда и базен, која е како создадена за опуштени мигови и уживање во летните денови, опојните мириси и чистиот воздух. Се наоѓа во непосредна близина на долината Луберон и нуди божествени глетки на околните пејзажи, а гостопримливо кани во внатрешноста исполнета со многу топлина и љубов. Ентериерот освојува со рустичниот амбиент, дрвените елементи и внимателно уредените катчиња, совршено надополнувајќи се со идилата надвор. Домот е стилизиран со палетата смирени, неутрални и суптилни тонови, а во комбинација со нежните пастелни нијанси. Создадена е воздушеста целина со големи прозорци и пријатни текстури и текстили, во која се вдишува свежина, овозможувајќи им на сопствениците чувство на слобода и поголема интеракција со околината. Секој простор е посебна инспирација сам по себе, почнувајќи од комфорната дневна соба со библиотека, кујната и трпезаријата со камин, па се’ до релаксираната спална соба. Во продолжение, погледнете ги фотографиите и препуштете се на мечтите за вашата идила од соништата.
Чудесна куќа во Прованса
Рустична идила за уживање во летните денови.