Ви претставуваме совршено уреден мини стан, за чиј внатрешен дизајн и визуелизација е заслужна Inna Usubyan од студиото Decolabs. Домот е лоциран во Москва, Русија, а располага со вкупна површина од само 32 метри квадратни. За овој мал животен простор архитектката мошне храбро одбрала потемни бои и материјали, со доминација на сивите тонови и дрвото, создавајќи сосема удобен и атрактивен, но неутрален амбиент за престој на млада двојка без деца. Ваквиот потег при изборот на бои и материјали нималку визуелно не го смалува станот, најмногу поради минимализмот и прозорците од кои продира избилство на сончева светлина во текот на денот, како и отворениот распоред на планот. Со затскривање на спалната соба од дневниот престој со драперија, зоната за одмор и релаксација во овој мал ентериер ја добила неопходната интимна димензија. Кујната и трпезаријата се исто така издвоени со полупреграден ѕид, а станот има и засебна бања. Во продолжение погледнете ги фотографиите и пронајдете ја омилената идеја во дизајнот на оваа прекрасна мини оаза на стилот и комфорот.