Јуни е идеален месец за патувања – местата се’ уште не се пренатрупани со туристи, цените за сместување и авионските карти не се астрономски, а времето е совршено за обиколка на културно-историските знаменитости, или, пак, капење во морето. Доколку сакате ова лето да го дочекате во Европа, ви претставуваме 5 најдобри локации кои мора да ги посетите. Месец јуни е претсезона во повеќето европски дестинации, што значи дека би можеле да си дозволите одмор по поповолни цени. Ќе ги избегнете гужвите од јули и август, кога сезоната на годишни одмори е во полн ек.
1. Дубровник
Доколку сакате да се препуштите на разгледување на културната ризница на Хрватска, или, пак, да уживате во сонцето и морето, тогаш Дубровник е идеална дестинација за вас. Од Дубровник можете да отидете и на излети со брод, посетувајќи некој од ближните острови во околината.
2. Палма де Мајорка
Ако сте љубители на песочните плажи и културните знаменитости, Палма де Мајорка е идеалното место за вас. Покрај љубезните домаќини, островот ќе ви посака топло добредојде и со мноштвото забавни содржини. Ќе можете да уживате во сонцето и морето, а вреди да се спомене и дека токму на овој остров е една од најпознатите велосипедски патеки во светот. Доколку сте вљубеници во велосипедизмот, тука можете по мошне поволни цени да изнајмите велосипед и да се впуштите во запознавање на островот на две тркала.
3. Санторини
Грчкиот остров едноставно мами воздишки со своите шармантни бело-сини куќички. Покрај тоа што важи за еден од најпривлечните острови во Европа, Санторини е и омилена дестинација на многубројни славни личности. Островот има прекрасни плажи и чисто море, па нема сомнеж дека е вистинското место за летно патување во јуни.
4. Париз
Париз е секогаш добра идеја, но најдобар месец за посета на градот на светлината е токму јуни. Во текот на август не можете да го доживеете Париз на вистинскиот начин, бидејќи почнуваат колективните годишни одмори, некои од продавниците се затворени, а покрај неподносливата вруќина, ќе налетате и на премногу туристи.
5. Амстердам
Мај и јуни се најдобриот временски период да ја посетите холандската престолнина. Ќе имате можност во целост да го доживеете Амстердам, како и да го запознаете овој фантастичен град без претерани гужви и горештини.