Ви претставуваме стан со површина од 35 метри квадратни, кој покрај тоа што е пример за добро планирање на просторот, истовремено нуди и неколку визуелни трикови за разубавување на ентериерот. Иако располага со скромна квадратура, домот е доволно простран, удобен и функционален, а верувале или не, неговиот внатрешен дизајн не е дело на архитект, туку на самата сопственичка. Младата банкарка во соработка со нејзината мајка се заслужни како за паметниот распоред, така и за добриот вкус во амбиентот. Станува збор за мал станбен простор сместен близу центарот на Киев, Украина, кој бил старомоден и лошо конципиран, па единственото решение било да се урнат преградните ѕидови, а ентериерот одново да се подели на зони. Така, сега дневниот престој, кујната и трпезаријата сочинуваат една отворена целина, која е доволно светла, воздушеста, и пријатна. Просторот е стилизиран со примена на белата боја, во комбинација со повеќе нијанси на сива и жолта боја, како и комфорен мебел и практични идеи за складирање. Покрај зоната за дружење и социјализација, станот има и посебна спална соба со мини канцеларија, засебна просторија за преслекување и складиште на гардеробата, како и мала, но колоритна бања. Секое катче има посебна енергија и различни бои по кои е препознатливо, давајќи му на станот младешка нота, енергичност и динамика. Погледнете ги фотографиите во продолжение и инспирирајте се.