Кога домот е убав, пријатен и уреден со мера, животот во него е вистинско задоволство. Доколку сте љубители на ентериерите кои се едноставни, смирени и минималистички, тогаш станот кој ви го прикажуваме во продолжение ќе ве инспирира. Располага со површина од 42 метри квадратни, а конципиран е како 1.5-собен станбен простор со кујна. Креиран е отворен план кој ги обединува дневниот престој, трпезаријата и кујната, а распоредот е паметно осмислен и функционален. Бела, пространа и воздушеста – зоната за дружење и социјализација восхитува со префинетоста и внимателно избраните детали, овозможувајќи релаксиран и комфорен амбиент за престој. Просторот е стилизиран со доминација на белата боја, која му дава чист и романтичен призвук, а во комбинација со дрвениот под и кафените плочки во кујната, како и лежерните парчиња мебел и фините украси, постигнат е топол и комфорен изглед на просторот. Спалната соба е мала, но одлично дизајнирана, а нуди многу креативни решенија за складирање и организација. Прошетајте низ собите на ова преубаво станбено гнездо и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.