Кога е дизајнот на луксузни ентериери во прашање, убавиот резултат е најчесто последица на внимателно и многу прецизно подготвена визуелизација на проектот. Дизајнерите од студиото Ando Fine Art Renderings на своите клиенти им овозможиле нивните домови да ги согледаат на повеќе различни начини – од поинакви материјали кои можат да се искористат за мебелот, до креативно поставеното осветлување со што ентериерот би изгледал совршено. Ви претставуваме четири такви современи проекти: ентериери чиј амбиент зрачи со софистицираност и елеганција, а истовремено се многу пријатни за живеење. Зачекорете низ фотографиите во секој од нив и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.
Проект 1
Првиот проект е дизајн на дуплекс, кој се протега на две нивоа и освојува со модерниот изглед. Неутралната палета на бои создава особено пријатен амбиент, кој во исто време е многу софистициран, а им овозможува на сопствениците преку деталите да му дадат индивидуалност на целиот простор.
Проект 2
Вториот проект е дизајн на пентхаус, односно два апартмани со прекрасна тераса на кровот. Просторот изобилува со природна светлина и доминира белата боја, што дополнително придонесува за неговата воздушеста атмосфера. Акцентот е ставен на модерните парчиња мебел, а се истакнува седечката гарнитура во виолетова боја, која доминира во ентериерот и придонесува за неговата динамика и разиграност.
Проект 3
Третиот проект се однесува на ентериер што не е толку простран како претходните два примера, но поради неутралната палета на бои и вградените парчиња мебел извлечен е максимумот од целата површина. Можете да го погледнете во две различни варијанти: со бели плакари или дрвенеста нијанса.
Проект 4
Во последниот проект, дизајниран е ентериер во кој доминира белата боја, а деталите се непретенциозни и сведени на минимум. На тој начин, постигнат е исклучително лукузен амбиент при неговото внатрешно уредување, а истовремено просторот ќе освојува со својата едноставност.