Париз е градот на светлината, светилиште на уметноста, град на љубовта, место кое воодушевува и град од кој произлегле многу уметници. Се појавува прашањето, дали Париз ги прави уметниците, или токму тие уметници го прават Париз – лулка на уметноста?
Тиери Дувал е уметник кој е роден во 1968 година во Париз и негова најголема инспирација е токму неговиот роден град. Дувал се смета за еден од најдобрите акварел уметници. Има импресивен талент за овековечување на градскиот живот со неверојатна прецизност, светлина и реализам во неговите дела. Тиери ужива да ја фотографира Сена во раните утрински часови, силуетите на величенствените градби и споменици, да ги набљудува збунетите и воодушевени туристи и осамените минувачи, да ги слуша звуците на Париз, обидувајќи се да украде дел од духот на Париз. Сето тоа се отсликува во неговите дела: поетски, носталгични, вонвременски прикази на Градот на љубовта.