Кога првпат ќе стапнете на овој живописен остров, позитивната енергија која таму владее не може да ве заобиколи. Пред очите се наоѓа малиот плоштад со неколку ресторани, а оттаму се протега мала, но сончева уличка која непрестано сјае. Тесните куќи наредени во низа се со едноставна архитектура, а не се повисоки од два ката. Сите фасади се обоени во поинакви, светли и живи бои кои претставуваат заштитен знак на семејствата, а се главната карактеристика на Бурано – најшарениот остров во светот.
Островот Бурано се наоѓа во Венецијанската лагуна, покрај островот Торчело во северниот дел од лагуната. Налик на Венеција има канали кои го делат на помали делови, а денес е најпознат по производството на тантела и шарените фасади на куќите. Легендата вели дека се така бојадисувани за да рибарите умеат да ги препознаат своите домови во маглата. Оддалечен е само 7 километри од Венеција, до каде може да се пристигне со венецијанскиот трамвај – вапорето. Со мост е поврзан и со соседниот остров Мазорбо, а денес овде живеат нешто повеќе од 2700 жители. Доколку патот ве води накај Венеција, не пропуштајте да го посетите и овој колоритен остров.