„Причината зошто боли толку кога се разделуваме е затоа што нашите души се споени. Можеби секогаш биле и ќе бидат – можеби сме живееле илјадници животи пред овој живот и секогаш сме се наоѓале еден со друг. И можеби секогаш сме биле присилени да се разделиме поради истите причини“, ќе рече Николас Спаркс во својата безвременска ,,Страници за нашата љубов”.
Приказна за еден обичен човек, со обичен живот и необична судбина – приказна за новооткриената и изгубена љубов, па повторно пронајдена и запечатена низ линиите на заедничкиот живот. Надоврзувајќи се на тоа, Спаркс вели дека „тоа значи дека ова „збогум“ е збогум на минатите десет илјади години и прелудиум на она што ќе се случи”, каде дефакто се поставува дежа ви на животните (не)прилики опфатени во *и во добро и во зло*. Приказна за Ноа, висок и силен младич со груби црти на лицето, сведок на животно страдање, и Али, елегантна млада дама со сонце во косата низа артистички таленти. Обајцата млади, обајцата неповратно луди еден за друг, но обајцата припадници на различни општествени слоеви во повоена Северна Америка. Присилно оддалечени и емотивно дистанцирани еден од друг, нивното збогум се поставува како најдлабинска категорија на очај, безживотност и лудило – каде Ноа заминува да служи на армијата, а Али станува млада вереница на локалниот најпознат адвокат. Она што и двајцата не ќе можат да го заобиколат, и обостраната разгорена искра по неколку години, на нивната повторна средба на дождот… „Не беше готово… сеуште не е готово!“… преку маркантни и емотивни слики покрај каминот во старата викендица, недалеку од градот.
„Ти си одговор на секоја моја молитва. Ти си песна, сон, шепот; и не знам како можев да живеам онолку колку што живеев, без тебе“, милно чита симпатичниот старец на неговата грациозна слушателка во затаен агол на мирниот дом за старци – приказна за двајца млади, кои го издржале тестот го времето. Ја издржале и преминале секоја општествена, здраствена, животна препрека, за на крајот да уживаат во страниците на нивната љубов… Овој релативно млад роман го заслужува своето место во историјата, како и висока позиција во Вашата лична библиотека.