Без оглед на тоа дали будно ги следите модните трендови, или, пак, негувате безвременски вкус за облека, секоја нова сезона нуди можност да го надградите сопствениот стил и вметнете нешто поинакво во гардеробата. За таа намена, ви ги претставуваме петте најактуелни тенденции на машката модна сцена за сезоната пролет/лето 2015. Доминираат во колекциите на реномираните дизајнери и куќи, дел се од предлозите на влијателните блогери за стил, а можат да се сретнат и во уличната мода на светските метрополи. Погледнете како можете да ги прилагодите на вашиот личен изглед и обновете ја пролетната гардероба со ново и модерно парче.
1. Пругаст дезен
Чест на пругите во своите нови колекции им оддадоа многу модни куќи и дизајнери, од Gucci и Jonathan Saunders, па се’ до Casely-Hayford и Emporio Armani, применувајќи ги на широка палета на облека и додатоци, како маици, панталони, лежерни џемпери и модни аксесоари. Не пропуштајте да се подновите оваа пролет со модно парче во пруги, но внимавајте на дезенот, во зависнот од вашата градба.
2. Двоен тексас
Од Tom Ford до Gucci, светските модни куќи наголемо го прославуваат овој повеќенаменски материјал во своите колекции за сезоната пролет/лето 2015 година. Без разлика дали сакате да се облечете едноставно и лежерно, или, пак, рафинирано и елегантно, квалитетниот тексас е солидна основа од која треба да започнете со обликување на изгледот. Притоа, не се ограничувајте на само едно парче, бидејќи двојната доза тексас е масовен тренд оваа пролет.
3. Црвена боја
Јака, енергична и пулсирачка, црвената е дефинитивно боја на сезоната пролет/лето 2015 година. На модната писта ја донесе тематската колекција на Dolce & Gabbana, претставувајќи парчиња во црвена боја, од крв-црвена до цигла-црвена нијанса. Се смета за ризична боја за комбинирање, па затоа најдобро е да одберете само едно црвено парче со кое ќе го нагласите изгледот.
4. Цветни принтови
Иако како тренд се срамежливо присутни веќе неколку сезони, цветните принтови на голема врата пристигнуваат во пролетната машка мода за 2015 година. Оваа пролет, истовремено се застапени во колекциите на скапите модни куќи, но и брендовите за улична мода, од Givenchy, преку A. Sauvage и Topman Design, па се’ до Hype. За да се облечете со вкус, запомнете дека парчето со цветен принт е центалната точка во вашиот изглед, па искомбинирајте го со неутрални бои кои не привлекуваат внимание.
5. Зелена и сина боја
Старите модни правила велат дека зелената и сината боја не треба да комбинираат, но оваа сезона тие се навистина тандем од соништата. На модната сцена ги понудија Baartmans & Siegel, Pringle of Scotland, Gieves & Hawkes и Hackett, комбинирајќи во стилски машки изгледи за пролет/лето 2015 година. Зелената и сината се непогрешливо мажествени бои, а единствена препорака е да го лимитирате бројот на други тонови кои ќе ги додадете во модниот микс.