Постои одреден шарм што го имаат речиси сите станови во Њујорк, а кој секогаш на различен начин е вклучен во внатрешниот дизајн. Таков е ентериерот на овој инспиративен дом – шармантен на посебен начин, воздушест и модерен, со изразени контрасти и детали во индустриски стил. Станува збор за мансарда со површина од 232 метри квадратни, а се наоѓа на Менхетен, во иконска зграда лоцирана во њујоршкиот кварт Сохо. Тимот на дизајнери од студиото Casamanara бил задолжен за уредувањето на мансардата, a со оглед на нивните постојани обиди да го поврзат старото и новото, а притоа и да експериментираат, овој станбен простор бил идеална задача за нив. Креативниот и динамичен дизајн совршено се вклопил во индустрискиот простор. Внимателно одбраните парчиња мебел, од седечката гарнитура во светли бои, килимот со изразени дезени и стаклената клуб масичка, па се’ до нагласените индустриски детали, создаваат пријатна и топла атмосфера во пространиот ентериер. Во продолжение, погледнете ја галеријата, прошетајте низ собите на овој стилски и динамичен њујоршки дом, и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.