Трогателното филмско остварување „И понатаму Алис“ ја преиспитува силата на жената и семејството.
Алис, угледна професорка по лингвистика на Универзитетот во Колумбија, води среќен живот со својот маж и трите возрасни деца. Меѓутоа, еден ден открива дека има Алцхајмерова болест во почетен стадиум. Она што најмногу ја загрижува е фактот дека болеста е наследна и дека веројатно и нејзините деца ќе ја имаат.
Главната улога во филмот ја игра извонредната Џулиен Мур, која токму за овој филм, покрај бројните други награди (Златен глобус, БАФТА…) е наградена со Оскар за најдобра главна женска улога. Филмот се базира на романот на Лиса Џенова, а го режираа Вош Вестморленд и неодамна починатиот Ричард Глејчер. Во обраќањето по повод Оскарот за главна женска улога во филмот, Џулиен Мур истакна дека филмот фрла светлина на Алцхајмеровата болест и дека луѓето со Алцхајмер заслужуваат да бидат видени.
Мур го толкува ликот на 50-годишна реномирана професорка по лингвистика на Универзитетот Колумбија, која на предавањата почнува да го губи текот на мислите, а во една ситуација додека џогира на капусот буквално не знае каде се наоѓа. Повременото губење на паметењето и заборавањето на зборови ја доведува кај невролог кој поставува дијагноза – ран стадиум на Алцхајмер. На почетокот Алцхајмерот значи губење по улиците на Менхетн, но набрзо – премногу брзо за нејзиниот маж (Алек Болдвин) и трите возрасни деца – значи и многу повеќе. Иако новата состојба го става нејзиниот брак на тест, Алис добива можност повторно да се зближи со најмладата ќерка Лидија (Кристен Стјуарт) со која никогаш не се согласувала.
Фактот што Алис целиот живот ги изучувала јазиците и комуникацијата, станува моќно средство во борбата против Алцхајмерот. Алис крадешкум пишува зборови, не може да се сети колку јајца треба да стави во рецептот, па “гугла“ за да провери, сама себе си остава видео-пораки за деновите „кога нема да можеш повеќе да одговараш на прашања“. Мозокот неповратно и’ умира и таа заборава зборови кои се “пред неа“, но “не може да ги дофати“. Алис го користи телефонот за да ги запише прашањата на кои мора да даде одговор секое утро. Болеста ќе влијае на целото семејство, на одлуката на едната ќерка да роди бебе, но и на созревањето и сериозноста на другите.
Премиерното прикажување на „И понатаму Алис“ пред македонската публика бешe на 26.03.2015, по што филмот е поставен на редовната кино програма во Cineplexx.
Divianarts.com е медиумски покровител на кино Cineplexx МК.