За оние кои сакаат предизвици при уредувањето на ентериерот, становите во поткровје се идеален простор за нив. Покрај ниско закосените тавани, во ваквите станбени објекти често се појавуваат и разни други архитектонски препреки, кои дополнително го комплицираат планирањето и дизајнот на просторот. Сепак, токму неправилностите и несовршеноста им даваат шарм и карактер, како на луѓето, така и на ентериерите, а најдобар пример е ова поткровје во кое слабостите и маните се вешто претворени во полезни елементи.
Станува збор за простран шведски стан чиј дизајн комбинира неколку стилови, а акцентот е ставен на скандинавскиот. Зоната за дружење и социјализација е сместена во отворена целина која ги обединува дневниот престој, кујната и трпезаријата. Паркетниот под, дрвените греди, циглените ѕидови и каминот во средиштето на просторот му даваат даваат посебна топлина на ентериерот.
Во интимната зона на домот, пак, сместени се три спални соби (голема за родителите и две помали за децата) и бањата. Нема кој нема да се сложи – поткровјето нуди несекојдневен амбиент и доживување какво не може да се искуси во останатите станови. Разгледајте ги добро прекрасните решенија и пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот животен простор.