Во потрага по убави и инспиративни примери за внатрешно уредување, наидовме на еден оригинален и инвентивно уреден дом, дело на архитектонското студио ,,YOUR PROJECT’’. Станува збор за станбен простор со површина од 48 метри квадратни, кој е комплетно приспособен и дизајниран да одговори на вкусот и животниот стил на млада личност. Ентериерот е креативен и динамичен, а изобилува со интересни решенија за рационално искористување на скромната квадратура. Едно од нив се флексибилните парчиња мебел, кои се менуваат по желба, овозможувајќи на тој начин и станот да се трансформира во место за повеќе гости кога за тоа има потреба. Домот е со отворен план каде непречено циркулира природната светлина, а примената на лизгачки врати наместо преградни ѕидови, како и необичниот распоред на различни висини му дава функционална адаптација на секој агол, па во него има се’ што е неопходно за удобен живот, а и многу повеќе од тоа. Стилизиран е со фини и колоритни декорации, а доминантна улога во ентериерот има дрвото и дрвените палети, давајќи му топлина и пријатна атмосфера на амбиентот. Во продолжение погледнете како изгледа секоја просторија и одберете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.